Стартуваа активностите за изградба на спортска сала во рамки на Основното училиште „Страшо Пинџур" Кавадарци, изградено пред 85 години и второ по старост во општината.
-Инвестицијата на Владата, се реализира преку Министерството за образование и наука, со поддршка на локалната самоуправа. Наставата по физичко во ова училиште се одвива во пренаменета училница или надвор во дворот, информира директорката на училиштето, Илинка Бакева.
Таа се заблагодари за оваа инвестиција со која се подобруваат условите во училиштето, а проговори за успешноста на учениците кои се школуваат овде.
– За жал, до ден денеска немаше спортска сала. Овие ученици тука што учат беа на некој начин и обесправени во делот на физичкото образование и на психофизичкиот развој. Така што после долго време, со министерката Мила Царовска дојдовме до средства од Министерството за образование. Јас можам само да посакам успешни генерации и овие дечиња ќе ги имаат сите нормални средства за одвивање на сите програми на настава, рече градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, која заедно со него изврши увид во работите, истакна дека единствена цел на Владата во делот на образованието, како и на Министерството за образование, е да создаде основно образование коешто се грижи за интересот на детето и коешто е фокусирано како образовен процес, на потребите на учениците.
Токму тоа, посочи, го поставува и реформата во основно образование, којашто треба да започне да се имплементира од септември наредната учебна година.
-Инвестирањето во капиталните објекти, а тоа се инфраструктурата, училиштата, но исто така и придружните објекти како спортските сали, навистина е значајно за да може да обезбедиме да секој ученик, секое дете, може да го развива своето физичко воспитание и своето здравје, затоа што навистина е значајно да тие активности коишто се предвидени во програмите, може да се изведуваат во училиштето, околу него и во овие придружни објекти, рече министерката за образование.
Значајно е, исто така, додаде таа, за личниот и социјалниот развој, да може да се спортува и значајно е образовниот систем заедно со општините да ги нуди овие можности на учениците во училиштето.
-И да немаме привилегирани ученици, оние коишто можат надвор од образовниот систем да си ги приуштат, туку да се трудиме како држава да создадеме услови во секое училиште сите придружни активности, сите слободни активности, да може учениците подеднакво да ги извршуваат во системот на образование и тоа да биде бесплатно и квалитетно. За такво образование се трудиме да создадеме систем којшто ќе го поддржи тој процес на постојано инвестирање и сметам дека како Влада, навистина покажуваме дека инвестициите во раниот развој на децата, како во предучилишната, така продолжуваме и во основното образование и во средното образование, за да имаме здрави граѓани, но исто така и граѓани спремни да се борат со предизвиците коишто стојат пред нив во животот, нагласи Царовска.