Поради снежната покривка од околу 40 сантиметри на граничниот премин со Република Бугарија, Деве Баир, кај Крива Паланка, во текот на вчерашниот ден и денес интензивно се работи на расчистување на терминалот за непречен проток на товарни возила.
Зимското одржување на граничниот премин е во надлежност на Општина Крива Паланка, а задолжено за зимско одржување е Јавното претпријатие „Комуналец“. Нивните екипи во текот на вчерашниот ден и денес интензивно работат на терен.
-Висината на снежната покривка на Деве Баир е околу 40-тина сантиметри, врнежи од изминатите 48 часа. Нашите екипи и утрово се на терен, возилата го отстрануваат снегот и фрлени се сол и ризла, а на раскопаниот дел од терминалот кај вагата, се посипува дробен асфалт за порамнување на патот и непречено сообраќање на камионите, информира директорот на ЈП „Комуналец“, Миле Марковски.
Инаку, група превозници кои од вчера попладне се наоѓаат на бугарската страна од границата и не се пропуштаат кон РС Македонија, поради снегот и неисчистениот терминал, информираат дека на Бугарската страна од границата има колона од околу стотина камиони.
Од граничниот терминал Ѓуешево велат дека камионите веќе се пропуштаат со бавен интензитет.
Превозниците алармираат дека ова е проблем што се провлекува со години.
-Апелираме надлежните служби да се вклучат во решавање на проблемот бидејќи речсии 24 часа сме тука, загалвени во колони од неколку километри. Не има од секаде, од РС Македонија, од Бугарија, Полска, Турција, превозници кои имаме некакви залихи од храна, но ќе кажеме, и водата веќе е проблем, бидејќи патувајќи не сметавме дека ќе наидеме на ваков проблем, вели еден до превозниците кој сакаше да остане анонимен.
Патничките моторни возила од двете страни на границата минуваат непречено.
Магистралниот пат А2 за чиешто расчистување и одржување е надлежно ЈП Државни патишта, редовно се чисти и е чист и прооден.