Со два проектa вредни околу 12.5 милиони денари се подобрува спортската инфраструктура во две кривопаланечки училишта, во основното „Илинден“ каде се реконструира комплетно спортската сала и во гимназијата „Ѓорче Петров“, каде е во тек реконструкција на спортскиот терен во училишниот двор.
-Се подобруваат условите за спорт и во основното училиште „Илинден“, по речиси пет децении од изградбата на училишната сала, во тек е комплетна реконструкција на истата. Се врши замена на подот со нова гумирана подлога, се обновуваат санитарните јазли, соблекувалните, а ќе се изврши и замена на столаријата, со ПВЦ столарија. Во рамки на проектот ќе биде адаптиран пристап за лица со попреченост и ќе се изгради специјализиран тоалет. Ова е прва поголема интервенција на спортската сала по 50 години од нејзината изградба, а средствата во висина од околу пет милиони денари се обезбедени од сопствени извори на училиштето и од Министерството за образование и наука, информира директорката Марица Николовска.
Во средното општинско училиште „Ѓорче Петров” во тек е реконструкција на постојниот спортски терен во училишниот двор, кој ќе биде обложен со тартан подлога. Проектот се реализира со средства од буџетот на училиштето, а истиот е во висина од околу 7.5 милиони денари.
-Проектот опфаќа замена на целата ограда, руирнираната подлога ќе се реконструира и ќе се постави тартан, ќе бидат поставени рефлектори за користење на теренот и во вечерните часови, ќе се обноват реквизитите, а ќе се постави и пристапна рампа за лица со инвалидитет, рече директорката на СОУ „Ѓ.Петров“, Габриела Стаменковска.
Минатата година беше изграден нов спортски терен за кошарка во дворот на ученичкиот дом „Боро Менков“ со проект на Агенцијата за млади и спорт, вреден околу три милиони денари.