Крушево почна да опремува мултифункционална сала во старата училишна зграда, со што младите од општината ќе добијат соодветно опремени театар и киносала. Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, опремувањето на мултифункционалната сала е приоритетен проект избран од граѓаните преку форуми на заедници во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“.
-Овој проект е едно од најголемите барања на младите од Крушево. Имплементацијата ќе овозможи проширување на културно-забавниот живот на Крушево и ќе им даде повеќе можности на младите за неформално образование. Првпат ќе добиеме опремена киносала и простор за театарски претстави, а целата зграда во која е сместена салата ќе биде Младински културен центар, рече Христоски.
Претседателот на општинскиот совет Тома Петроски објасни дека преку проектот „Зајакнување на општинските совети“ не само што се исполнува една од битните желби на младите, туку и преку обуките на советниците и со опрема ќе може да се пренесуваат седниците во живо, информациите да допрат директно до граѓаните.
– Како советници во рамките на „Зајакнување на општинските совети“ посетувавме обуки за унапредување на капацитетите на советот, за подобрување на транспарентноста на советот преку набавка на опрема за пренесување во живо на седниците и, генерално, за унапредување на отчетноста и отвореноста на советот. Опремувањето на салата во горната училишна зграда е проект кој ги засега младите и беше избран со директно учество на граѓаните. Навистина ми е мило што се реализира овој проект, особено што ќе може седниците да ги пренесуваме во живо и нашата работа да допре до повеќе луѓе, рече Петроски.
Проектот за опремување на мултифункционалната сала во старото, горно училиште е вреден 3,4 милиони швајцарски франци, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, а го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со министерствата за локална самоуправа и за финансии, со Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружение на финансиски работници и со „UN Women“.