Спроведените контроли на сообраќајната полиција на патиштата во дебарско потврдиле дека возачите не возеле побрзо од дозволеното, ниту под дејство на алкохол, но затоа евидентирани се пешаци кои небезбедно и надвор од пешачки премин преминувале коловозна сообраќајна лента.

Контролите се реализирани на подрачјето кое го покрива дебарското одделение за внатрешни работи, односно општините Дебар и Центар Жупа, каде во населено и надвор од населено место, биле поставени полициски сообраќајни пунктови.

– Во текот на вчерашниот ден во периодот од 10 до 17 часот, извршени се засилени контроли во сообраќајот, во населено и надвор од населено место. Притоа, на подрачјето на ОВР Дебар не е констатирано движење со брзина поголема од дозволената, ниту пак управување автомобил под дејство на алкохол. Евидентирани се четворица пешаци кои небезбедно и надвор од пешачки премин преминувале коловозна сообраќајна лента, информираше Стефан Димоски, портпарол на СВР-Охрид.

Во рамки на реализираните мерки кон прекршоците кои ги чинат пешаците во сообраќајот, во две акции полициските службеници регистрирале и санкционирале вкупно 14 пешаци од нив 10 во акцијата пред три дена.

– Целта на контролите е подигнување на сообраќајната култура кај возачите на моторни и други возила, но и на сите учесници во сообраќајот, и доследно почитување на одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, посочува Димоски.

Тој упатува апел до сите учесници во сообраќајот строго да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, што е во интерес на заштита на нивните и животите на граѓаните.