Тимчо Муцунски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ на гостувањето во емисијата „Заспиј ако можеш“ што се емитува на телевизија Алфа рече дека е добро што дојде до договор за пописот. „Одлагањето на пописот е триумф на граѓаните. Тие дадоа поддршка и излегоа повеќе од 100 илјади граѓани и се потпишаа за одлагање. Одложувањето само значи дека нема да има дополнителнио проблеми, бидејќи епидемиолошката слика е лоша“, рече Муцунски.
Муцунски укажа дека власта конечно виде дека не може сама за вака клучни теми.
„Откако согледаа каква е ситуацијата, каков хаос е во државава сфатија дека без дијалог со најголемата партија не можат да ги решаваат проблемите“, кажа Муцунски.
Меѓународниот секретар рече дека ВМРО-ДПМНЕ не е партија која блокира процеси од државен интерес.
Муцунски се осврна и на фингерпринтот за кој рече дека е неоходен за да се избегнат злоупоттеби. „Ова е начин да се спречи изборна кражба и измама“, рече Муцунски.
Според Муцунски она што е клучно е, да има попис, ама кога има услови, за да биде процесот кредибилен.
„Кредибилен ќе биде пописот на резидентно население. Ова што се прави со дијапсората е само евиденција“, вели Муцунски.
Муцунски се осврна и на сликата од викендов кога река народ одеше во Србија за вакцинација.
„Таа слика ја опишува сликата на владеење на СДСМ и ДУИ. Тоа ја покажа целата нивна неспособност. Дебакл е премал збор за тоа што се случуваше викендов“, вели Муцунски.