Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на гостувањето во емисијата „Јади бурек“ што се емитува на телевизија Сонце се осврна на актуелната ситуација предизвикана од корона кризата.
„Власта не прави ништо, понеспособна влада немало. Видовме дека тие наместо за вакцини се бореле за провизии преку фирми во Хонг Конг. И за тоа има институции кои треба да поработат“, рече Јанушев.
Тој посочи дека опозицијата може да помогне и да го даде својот глас за реформски закони и за надминување на кризата.
„Но ако некој очекува дека ќе бидеме на копче, тоа нема да дозволиме“, кажа Јанушев.
Според него граѓаните гледаат дека вака слаба влада и понеспособна немало до сега.
„Во целата ситуација сега со корона пандемија има се повеќе невработени, народот страда. Не гледам решение освен власта да ја пратиме во историјата“, рече Јанушев.
Бидејќи власта не направи ништо, сакаше да се пофали само со спроведување на пописот.
„Власта сакаше да спроведе попис бидејќи само со тоа можеа да се пофалат дека нешто направиле, значи да се пофалат и дома и надвор, затоа што немаат со што. Во услови кога ни починуваат над 30 луѓе на ден, а еве денес и две родилки, тие не убедуваа дека може да ни доаѓаат луѓе дома и да не попишуваат. Едно со друго не оди. И тоа се покажа, пописот е одложен“, рече Јанушев.
Пратеникот посочи дека пописот и треба на Македонија и дека тоа е исклучиво статистичка операција, а не е операција врз основа на која ќе даваме и земаме одредени права.
„Ова е статистичка операција, нас ни треба да се преброиме за да можеме да кроиме политики. Требаше да се одложи и падна договор да се одложи, да не направиме дополнителна штета на и така огромната штета. Првата битка е добиена и се надевам дека во следниот период ќе се обидеме да биде како што треба. Народот го кажа своето и јас не се сеќавам кога за толку краток период се собрале потписи од граѓани“, кажа Јанушев.