Потпишување на Меморандуми за учество во гасните проекти и инвестирање во Грција е одраз на незнаење и намера за уништување на енергетиката и економијата во Македонија.
Ова најверојатно е единствен случај во Светот кога некоја Влада, која се соочува со нула инвестиции на сопствената територија и презадолженост, упорно се труди да инвестира над 120 милиони евра во друга држава. Додека сите влади упорно се борат да го зајакнат домашното производство на енергија, со цел да станат енергетски понезависни, нашата Влада се бори да нẻ задолжи со инвестирање во туѓи енергетски проекти.
Намерата за инвестирање во гасниот терминал и гасната електрана во Александрополис не навестува ништо поволно. Досега не е прикажана никаква техно-економска студија,посебно дали е исплатлива цената на добиената електрична енергија од оваа гасна централа, знаејќи ги светските искуства. Ова е показател дека таква студија најверојатно и не постои. А тоа пак го потврдува фактот дека сẻ ова што го прави Владата на СДСМ е паушално и неразумно.
Владата ниту денес не презентираше бројки за следниве клучни прашања:
- Колку ќе добие Република Македонија од ваквата инвестиција?
- За колку време ќе се вратат вложените средства?
- Која ќе биде цената на природниот гас?
- Дали и за кој износ ќе биде намалена цената на гасот заради тоа што Македонија инвестирала во терминалот?
- Колкава ќе биде цената на електричната енергија која Македонија ќе ја купува од оваа гасна централа?
Одговорите на овие клучни прашања упорно се кријат од јавноста, а се важни за исплатливоста на инвестицијата и евентуалните придобивки. Ако цената на природниот гас од терминалот во Александрополис нема да биде најниска во споредба со сите можни извори на снабдување во регионов, тогаш со право се доведува во прашање рентабилноста на неговото работење и способноста, или поточно кажано неспособноста за враќање на вложените финансии.
За сето ова јавноста набргу ќе мора да добие одговори, кои Владата упорно ги крие истите од јавноста.