ГЕРБ останува прва политичка сила по вчерашните парламентарни избори одржани во Бугарија, коментира во утринскиот блок на БНТ, социологот од Агенцијата „Алфа рисрч”, Борјана Димитрова. Како што јави дописникот на МИА од Софија, сепак, ако се зборува за формирање нова влада во Бугарија, тоа станува сè поневозможно.

Таа ја оцени дека се мали шансите за формирање експертска Влада, со учество на ГЕРБ. Според Димитрова, за да се формира новата бугарска влада во 45-то Национално собрание, ќе треба да се преминат некои црвени линии што бугарските партии си ги поставија за време на кампањата и претходно.

Нејзиниот колега Андреј Рајчев е категоричен дека овие парламентарни избори во Бугарија се повторување на протестите од минатото лето во земјата, при што 60 отсто од гласачите покажаа дека не ја поддржуваат владата на Бојко Борисов, но Борисов сепак доби 30 отсто поддршка.

Според Рајчев, владејачката ГЕРБ добива сериозни пофалби затоа што се први на пет последователни избори во Бугарија во последните 11 години. Според него, предлогот на премиерот Борисов за широка експертска коалициска влада, не е можен во блиска иднина. Клучното прашање ќе биде кој би можел да биде новиот бугарски премиер. Партијата на шоуменот и ТВ-презентер Слави Трифонов „Има таков народ” има избор или да учествува во малцинска влада или да оди на следните избори, рече Андреј Рајчев.