До нас стигнаа нови документи за пасоши на криминални структури за кои што би сакал да проговориме и да ја информирам јавноста токму денес, обелодени денеска на прес-конференција Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

- Поставувам јавно прашање дали македонски пасош издаден од МВР имал и водачот на познат нарко картел од Албанија?

МВР во регуларна постапка на 17.07.2019 година му издала македонски пасош со број C1265083 и на шефот на нарко клан од Албанија, Флорјан Мусај со позајмен идентитет Наум Фило роден на 22.01.1986 година.

Само неколку информации Мусај станува познат во 2018-тата година кога против неговиот нарко картел во меѓународна соработка помеѓу полициските служби на Германија, Италија, Холандија и Албанија се откриени 91 килограм кокаин во вредност од 20 милиони евра и огромна дилерска структура низ сите овие држави.

Според информациите кои ги добивме по добивањето на македонски пасош во 2019-та година, Мусај непречено патува низ повеќе европски држави за во октомври 2019-та година да пристигне во Јужна Америка. Мусај користејќи го македонскиот пасош со позајмен идентитет на име Наум Фило најверојтно патувал низ повеќе држави на Европа и Јужна Америка, истакна Николоски.