По повод 23 Април, Меѓународниот ден на книгата и авторското право, општинската библиотека „Искра“ од Кочани на скромна свеченост ги додели признанијата на најдобрите читатели за 2020 година.
Признанието во категоријата за најдобар возрасен читател ѝ припадна на Марија Николовска, додека во категоријата најдобар детски читател признание доби Лиле Стојменова, ученичка во деветто одделение во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Кочани.
– На најдобрите читатели во двете возарсни категории им доделивме признанија и скромни подароци, а оние кои денеска ја посетија библиотеката, на подарок добија цвеќе и книга според каталонскиот обичај. Библиотеката „Искра“ ги избира најдобрите читатели според претходно утврдени критериуми, како што се бројот на прочитани книги и редовност при нивното враќање, истакна Верица Пауновска-Дамеска, библиотекар во „Искра“.
Поради актуелната состојба со пандемијата, доделувањето на признанијата беше само за добитниците, а изостанаа вообичаените поетски читања и други манифестации.
– Најчесто читам книги од жанровите романса и трилер. Им препорачувам на сите мои врсници што почесто да се дружат со книгите бидејќи тие се нашето најголемо богатство, истакна Лиле Стојменова, најдобра читателка за 2020 година од категоријата деца.
Меѓународниот ден на книгата и авторското право е прогласен од УНЕСКО и се одбележува од 1995 година.