Изложбата на Ацо Таневски насловена „Марино” од денеска е поставена во галерискиот простор на Центарот за култура-Крива Паланка и ќе може да се посети до завршувањето на велигденските празници. – На оваа прва изложба во април се поставени 24 слики, пејзажи, од циклусот „Марини” на академскиот сликар Ацо Таневски од Скопје. Сликите се масло на платно, со езерски и морски мотиви со бранови, зајдисонца, мирни крајбрежја и повикуваат на симбиоза на човекот со чистата и недопрена природа, за нејзино зачувување како наш единствен дом. Изложбата е посветена на 22 Април – Ден на планетата Земја и 23 Април – Светски ден на книгата, изјави директорката на Центарот за култура-Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска. Изложбата ја отвори градоначалникот на Крива Паланка и со неа официјално почна одбележувањето на 50-годишното постоење на Центар за култура Крива Паланка.