Епидемиолошката состојба во Крушево е потсмирена, но и натаму треба да се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19, оценуваат од Здравствениот дом.
Директорката на Здравствениот дом во Крушево, Зорица Манчевска Трајчулеска истакна дека се организирани и даваат комплетен третман и грижа на заболените од Ковид-19. Таа посочи дека имаат одвоени простории како мини дневна болница. Состојбата со ковид-позитивните, потенцира д-р Манчевска Трајчулоска, во моментов е добра, за разлика од другите градови.
– Има денови со еден до двајца позитивни, но има денови без ниту еден новозаразен. Потсмирената ситуација сметам дека е поради заострените мерки и главно тие се почитуваат. Во Здравствениот дом имаме таканаречена мини дневна болница. Имаме одвоено две простории: во едната со 10 кревети се пациентите со лесна и средна клиничка слика. Соработуваме со нашиот интернист, а постојано се советуваме со други специјалисти од Прилеп, Битола, од Скопје. Во моментов има 20 пациенти кои имаат дневна терапија, сите се во добра општа состојба, ги лекуваме во Здравствениот дом, а кај постарите, тешко подвижни, ги лекуваме во нивниот дом. Уште во стартот одвоивме уште една просторија која ја нарекуваме „суспектна“ каде се тие што треба да се тестираат за да не се мешаат со веќе позитивните пациенти. Речиси пет месеци се работи со брзите тестови и досега се тестирани 600 граѓани. Во почетокот беше висок процентот на позитивни, но сега ситуацијата е многу подобра, рече д-р Манчевска Трајчулоска.
Во посебен оддел во Здравствениот дом непречено и без проблеми и компликации се одвива вакцинацијата на возрасните крушевчани. Интересот е голем и досега се вакцинирани 100 повозрасни, а уште 100 вакцини ќе се потрошат до средината на идната недела. На вакциналниот пункт ги сретнавме крушевчаните Илица Благоја, Сотир Христоски, Димче Трајкоски кои веднаш ги упатија пораките за што побрза сите да се вакцинираат за да му се вратиме на нормалното живеење.
-Имам 73 години. Дојдов без размислување за да се вакцинирам. Тоа е единствениот спас. Имам „триста“ болести, не може да дозволам корона да добијам. Им порачувам на сите да се вакцинираат за здравје, вели Илица Благоја.
-Го чекав овој ден, веројатно и други го чекаат, зашто тоа е спасот. Еве сега се вакцинирав. На шега на медицинската сестра ѝ реков: Дали ме боцнавте?, а откако ми потврди, одговорив дека не сетив. Треба сите да се вакцинираме. Спасот на човештвото е во вакцинирањето. Друг излез нема. Ова што ќе носиме маски, останува на надлежните да ни кажат до кога, објаснува пензионираниот професор Сотир Христоски.
-Без да се вакцинираме, нема живот. Тоа е спасот. Мојата порака е сите да се вакцинираме што поскоро за да може да се вратиме на нормалното живеење. Сега ни е страв да контактираме со најблиските, а ни треба тоа, вели крушевчанецот Димче Трајкоски.
Крушевскиот градоначалник Томе Христоски смета дека се воспоставува здравствена сигурност во Крушево. Очекува 60 отсто од населението да се вакцинира до август, да се развижи туризмот од кој живее Крушево и да може да понуди доволно сигурност за гостите. Меѓународните параглајдерски натпреварувања се на чекање на светскиот степен на вакцинацијата.
-Полека, но сигурно во Крушево се враќа безбедносната слика на здравствениот систем. Очекувам до август 60 отсто од населението да биде вакцинирано. Со тоа продолжуваме со организирање и со одржување на настаните и манифестациите, со спортските натпревари, зашто Крушево, на некој начин е побезбедно од другите градови. Има што да се види и што да се посети, а сето тоа да биде безбедно. Во моментов тече пријавувањето на учесници за светското првенство во змејарство. Неколку меѓународни натпревари се откажани, но, очекуваме, со вакцинирањето и на светски рамки, да се нормализира. Ние работиме на привлекување на домашни туристи, со тоа ќе се ублажи ударот на домашните угостители, ресторани и давачите на услугите за сместувачки капацитети и тоа е наша цел. Крушево го развиваме со градењето на инфраструктурата, вели Христоски.