Како затоплува времето така питачите се помногубројни на кичевските улици. Ги има од сите возрасти и од двата пола, но сепак најмногубројни се жени со мали деца.

Нивната концентрација е најголема каде фреквенцијата на граѓани е најголема и тоа пред маркетите и во близина на локалите.Од Меѓуопштинскиот центар потврдуваат дека редовно ги следат состојбите со питачите и преземаат соодветни мерки.

-Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Кичево будно ја следи состојбата на уличините питачи. Повеќе од очигледно е дека како се приближува летото така нивната бројност на улиците и тротоарите е се поголема, вели Луљета Ајрулаи од Центарот за социјална работа.

Таа посочи дека секоја седмица по двапати се спроведува акција за отстранување на деца од улица. Овие акции се спроведуваат во координација со полицијата.

-Покрај отстранувањето на децата од улицата два пати неделно, на возрасните лица кои се во нивна придружба или се сами, ќе им бидат поднесени прекршочни пријави, а на родителите на децата кои се затекнати со нив им се изрекуваат опомени, додаде одговорното лице.

Дарежливоста на граѓаните на Кичево надалеку прочуена ги доведе во овој град и питачите од многу градови и региони во земјава и допрва се очекува нивната бројност уште повеќе да се зголеми.