Во Македонски Брод од почетокот на вакцинацијата имунизирани се 80 граѓани постари од 75 години, а на залиха во Здравствениот дом има уште 120 вакцини на „Астра Зенека“.

-Во Здравствениот дом во Македонски Брод засега се вакцинирани 80 граѓани постари од 75 години. Бројот ќе беше и многу поголем ако не се појавеше проблемот со апликацијата „Мој термин“ кога неколку дена нашите сограѓани не можеа да се пријавуваат за вакцинација и кога се разреши овој проблем продолжи вакцинацијата на лица до 73 години. Покрај првата количина од 100 вакцини дополнително ни беа испратени уште 100 нови вакцини на „Астра Зенека“ и во моментов располагаме со уште 120 вакцини. Сите што ја примија вакцината се во добра здравствена состојба, изјави директорот на Здравствениот дом во Македонски Брод, Жарко Симески.

Тој појасни дека во моментов во општина Македонски Брод има 26 активни случаи, од кои по еден се хоспитализирани на инфективните одделенија во Прилеп и во Тетово. Останатите 24 позитивни пациенти се лекуваат во дневната болница, а тие кои се во потешка здравствена состојба, сестра и лекар ги посетуваат во нивните домови, каде ја добиваат неопходната терапија.

Директорот на Здравствениот дом посочи дека во тек е и вакцинацијата на вработените во оваа здравствена установа.

-Во Здравствениот дом ревакцинирани се 21 вработен, сите од првата помош со вакцини на „Фајзер“, додека втората група од 19 вработени ја прими првата вакцина на „Спутник-В“ и во текот на оваа недела тие ќе бидат ревакцинирани. Од нашата здравствена установа преостанува да се вакцинираат и вработените во администрацијата, што треба да се реализира во текот на наредниот месец,додаде Симески.