Енормно зголемување на потрошувачката на медицински кислород е регистриран во првиот квартал од оваа година во Општата болница со проширена дејност во Кочани.

За само еден месец е потрошена едногодишната залиха од минатата година, иако и тогаш биле планирани зголемени количини. Причината за тоа е големиот број пациенти со Ковид-19 кои се хоспитализираат овде, а на кои им е неопходна кислородна поддршка.

Во моментот тече јавната набавка на 20 тони чист кислород, што за болницата е огромен финансиски трошок со оглед што паралелно е распишан и тендер за набавка на потребните лекарства за третман на ковид-пациентите.

-Во тек е тендерската постапка за набавка на нови количини кислород во боци, што според просечната потрошувачка во изминатите неколку месеци, би требало да ги покрие потребите за една година. Сепак, никој не може со сигурност да каже како во наредниот период ќе се одвива состојбата со пандемијата и дали оваа набавка реално ќе биде доволна за покривање на потребите. Во моментот вложуваме сопствени финансиски средства за набавка на кислородот и за лековите, а очекуваме подоцна поголем дел од нив да ни бидат рефундирани од страна на Министерството за здравство. Факт е дека се работи за огромни трошоци за краток временски период какви што болницата немала никогаш досега, но медицинските услуги за пациентите и понатаму се одвиваат без прекин, истакна директорот на Општа болница, Александар Серафимов.

Паралелно со набавката на кислород во боци, се прават напори за обезбедување централна кислородна поддршка за пациентите во модуларната ковид-болница. Се проценува дека само инсталирањето на опремата во објектот би чинело околу пет милиони денари, што е дополнително оптоварување за буџетот на Болницата. Поради тоа се разгледува можноста дел од инвестицијата да биде покриена преку донации и грантови, а за што веќе се добиени најави.