Општина Гевгелија подготвува тендер за изградба на градскиот сквер на локацијата на стариот пазар откако претходно беа изработени идејниот и основниот проект за хортикултурно и партерно уредување на локацијата во центарот на градот, рече градоначалникот Сашо Поцков на денешната прес-конференција.
По повеќегодишна постапка, појасни Поцков, Советот на општина Гевгелија во месец ноември 2019 година го донесе деталниот урбанистички план за централното градско подрачје со што се деблокираше урбанистичкиот развој и урбаното уредување на центарот на Гевгелија.
-Значајниот урбанистички документ,кој подеднакво долго беше очекуван од општината и од граѓаните,беше донесен откако локалната самоуправа доби согласност од страна на Министерството за транспорт и врски. Сега конечно се создадени сите услови за уредување на централното градско подрачје,а во тие рамки и за уредување на урбан градски сквер на местото на стариот пазар во Гевгелија, рече градоначалникот Поцков.