Од почетокот на мај не сообраќа патничкиот воз на релацијата Скопје – Кочани и обратно, поради што учениците, студентите и останатите граѓани од источниот дел на државата не можат да ги користат железничките услуги.

Патниците кои не се информирани за прекинот, доаѓаат на Железничката станица во Кочани и бараат билет, но принудени се наместо со воз, да патуваат со друг јавен превоз, што ги чини нешто поскапо.

– Веќе неколку денови се јавувам на билетарницата, но добивам одоговор дека билети не се продаваат бидејќи патничкиот воз не доаѓа. Вработените на станицата немаат информации која е причината за тоа, а дополнителен проблем е што нема ниту известување за патниците кои ги користат неколкуте стојалиштата долж пругата. Патувањето со воз ми е поевтино, но и посигурно во поглед на почитување на мерките за здравствена заштита од пандемијата, истакна Александар Димитров од Кочани.

Според официјалното известување од Акционерското друштво за железнички транспорт, релацијата кон Кочани не е опфатена со измените во возниот ред поради полицискиот час. За возовите 660 и 661 во важност е актуелниот возен ред, а цената на повратен билет од Кочани до Скопје изнесува 398 денари, без попустите за одредени категории патници.

Како причина за прекинот на патничкиот транспорт по единствената железничка линија кон Истокот, од претпријатието го наведоа дефектот на локомотивата чие сервисирање би требало да заврши до крајот на месецот.