Досега се аплицирани над 16.000 вакцини на жители во Штип и од општините од штипскиот и струмичкиот регион, информира за МИА, Дијана Коцева-Миланова лекар на вакциналниот пункт во штипската сала „Јордан Мијалков".
Таа додаде дека 216 пациенти од Штип изминатите два дена се и ревакцинирани со „Фајзер".
-Имунизацијата на населението оди без проблеми, од утринава преку „Мој Термин" имаме и пациенти над 40 години, а за попладне како што можам да видам се ставени повозрасни пациенти, вели Коцева-Миланова.
Штипскиот регионален пункт „Јордан Мијалков" нема да работи утре, сабота, како и на 24 мај празникот „Свети Кирил и Методиј". Пунктот ќе биде отворен во вторник, до кога се очекува и нова пратка од 5.000 вакцини, кои поголем дел се аплицираат на пунктот во Штип, а дел се дистрибуираат до пунктовите на Здравствените домови во општините од источниот регион. Со масовната имунизација на населението деновиве осетно се намалува и бројката на хоспитализирани пациенти во штипската модуларна болница. Зградата на Инфективното одделение е испразнета со ковид-пациенти, а од наредната недела се очекува и во неа да стартува реконструкцијата, со европски пари. Првата фаза од реконструкцијата беше одложена поради пандемијата, а сега е можност за старт на градежните работи.