Неодамна спроведената контрола во автокампот „Градиште" покажала дека моменталната состојба во кампот е надвор од сите одобрени проекти и законски прописи, односно дека кај 15 камп-приколки се изведени доградби спротивно дозволеното.
Според соопштението од Општина Охрид, градежни инспектори од општинското Одделение за инспекциски надзор при извршиле вонреден инспекциски надзор во автокампот „Градиште", при што кај 15 автокамп-приколки при што се затекнати бетонски подлоги, метални настрешници, целосно затворање на автокамп приколките со лим, дрво, алукобонд и водоотпорни гипс-картон плочи. Затекнати се недозволени дрвени и метални конструкции и времени објекти, како и приклучоци за водоводна и канализациска мрежа и на систем за напојување со електрична енергија.
Од спроведениот надзор изготвен е записник и фотодокументација при што е констатирано дека субјектот што стопанисува со автокампот „Градиште" не поседува одобрение за поставување времени објекти, ниту дозволи односно решенија за изведба на платформи изведени од дрвена и метална конструкција и настрешници какви што се затекнати кај дел од автокамп-приколките.
Соодветно констатираната состојба на терен, Одделението за инспекциски надзор донело Решение за отстранување на времените објекти, платформите, настрешниците, армиранобетонските плочи, плочите од бекатон-плочки согласно постоечката легислатива.
Од Општина Охрид најавуваат дека и наредниот период ќе се продолжи со спроведување инспекциски контроли, како во автокампот „Градиште" така и на останатите автокампови на крајбрежјето на Охридското Езеро што се на територија на општината.