Филипините тврдат дека овој атол се наоѓа во нивната меѓународно призната ексклузивна економска зона, но Кина инсистира дека има суверенитет над тие води.
Филипинската војска прераспореди два брода за снабдување за да им обезбеди храна на филипинските маринци кои го чуваат атолот во Јужното Кинеско Море, откако кинеската крајбрежна стража претходно употреби водени топови за насилно да ги одврати филипинските бродови.
Филипинскиот министер за одбрана Делфин Лорензана изјави дека два цивилни чамци со поморски персонал ја напуштиле западната провинција Палаван и оти по ноќното патување треба да стигнат до маринците стационирани на поморски брод во близина на атолот Втор Томас (Second Thomas).
Лорензана рече дека чамците не се придружувани од морнарицата или крајбрежната стража, во согласност со барањето на кинескиот амбасадор во Манила, кој во разговорите во текот на викендот го уверил дека чамците повеќе нема да бидат блокирани.
Авион на морнарицата, додаде тој, сè уште ќе ја надгледува оддалечената област додека филипинските чамци не стигнат до неа.
Филипините тврдат дека овој атол се наоѓа во нивната меѓународно призната ексклузивна економска зона, но Кина инсистира дека има суверенитет над тие води.
Филипинската влада и пренесе на Кина „гнев, осуда и протест поради инцидентот" откако два брода на кинеската крајбрежна стража блокираа два брода на Филипините во вторникот, а третиот брод на крајбрежната стража употреби водени топови против чамци, кои беа принудени да ја прекинат мисијата за транспорт на храна на маринците кои го чуваат атолот, соопштија филипинските власти.
Во Пекинг, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи одговори на протестот на Филипините, наведувајќи дека кинеската крајбрежна стража го поддржала кинескиот суверенитет откако филипинските бродови ноќе без дозвола влегле во кинески води.