Баварскиот министер за здравство Клаус Холетшек денеска посочи дека задолжително вакцинирање против коронавирус како средство за излегување од пандемијата, со што се придружи на политичарите на Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ кои не го следат општото мислење на партијата, која по правило ја отфрла обврската за вакцинација.
– Всушност бев против обврската за вакцинација цело време, но мислам дека ќе треба да разговараме на оваа тема многу наскоро, рече Холетшек во интервју за Дојчландфунк.
Тој рече дека обврската за вакцинирање нема да помогне „денеска или утре“, туку дека тоа е средство кое води кон излез од пандемијата.
– Во меѓувреме, се залагам за тоа обврската за вакцинација да е последна опција во борбата против пандемијата, но за ова ќе мора многу брзо да разговараме во Берлин за да се изгради единствено решение за целата земја, рече баварскиот министер за здравство.
Пред Холетшек, демохристијанските премиери на Баварија и Шлезвиг-Холштајн, Маркус Зедер и Даниел Гинтер повикаа на задолжителна вакцинација.
Водечката партија на веројатно идна коалициска влада, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), деновиве ќе разговара со водечките германски виролози за прашањето за воведување на обврска за вакцинација.
Здравствениот експерт од СПД и можен нов федерален министер за здравство Карл Лаутербах, во интервју за весникот Билд, покажа отвореност за долгорочна тематизација на обврската за вакцинација.
– Ова, се разбира, нема да ни помогне акутно во сегашната ситуација, но треба да се движиме во насока на обврската за вакцинација, рече Лаутербах. Тој оцени дека без обврска за вакцинација, веројатно нема да може да се достигне квотата вакцинирани лица, потребна за излез од пандемијата.
Здравствениот експерт од Партијата на зелените, која треба да учествува и во работата на идната влада, Јанош Дахмен индиректно се заложи за воведување на обврска за вакцинација.
– Ако сакаме да бидеме искрени, мораме да кажеме дека ако сакаме да се ослободиме од пандемијата и да ја постигнеме саканата стапка на вакцинација, тогаш повеќе нема да можеме да ја игнорираме оваа дебата, рече Дахмен во интервју за АРД.
Либерално-демократската партија, која исто така треба да биде дел од новата коалициска влада, се спротивставува на обврската за вакцинирање бидејќи смета дека таквата мерка би била неуставна.
И водечките виролози ја сметаат оваа обврска можна, но само како последно средство.