Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски и претседателката на ОО на Црвен крст од Битола, Лилјана Ристевска, потпишаа два договори за соработка, со цел реализација на повеќе проекти во интерес на граѓаните.

Проектите се во рамки на Програмата за социјална заштита донесена од Советот на Општина Битола.

-Првиот договор е со максимален износ од 900.000 денари и се однесува на згрижување на бездомни лица и лица во ризик. Вториот договор ќе се реализира со јавен повик за обука на 24 невработени лица, за лични асистенти на лица со попреченост, во период од три месеци. По успешното завршување на обуката, лицата во договор со Црвениот крст ќе бидат работно ангажирани. Овој јавен повик е почетна активност кон реализација на проектот „Асистенти за независен живот". За реализација на оваа проектна активност, општината издвојува 480.000 денари, посочи градоначалникот Коњановски.

На прес-конференција во Битола беше соопштено дека локалната самоуправа ќе обезбеди 640.000 денари на проекти на здруженија на граѓани и фондации кои работат во областа на социјалната заштита.

-Посебно сакам да го истакнам е проектот за обезбедување инфраструктура на лицата со попреченост, во домот на тие лица, за што повикот ќе биде објавен по донесувањето на Правилникот од страна на Советот на општина Битола. Овој повик, по објавувањето ќе биде отворен во текот на целата година, до искористувањето на предвидените средства од 1.000.000 денари.Вкупната вредност за сите проекти со кои од една страна се обезбедува социјална заштита, а од друга страна обука за побарувани занимања, што понатаму ќе донесе и можности за вработување на нашите сограѓани, изнесува 3 милиони денари, изјави Коњановски.

Претседателката на ОО на Црвен крст, Лилјана Ристевска искажа јавна благодарност за поддршката од Општина Битола.