Со камион „џемс“, стар половина век, денеска е исчистен од снег локалниот пат до селата Попчево и Рич кој поминува покрај браната „Водоча“. Овој камион е во состав на возниот парк на ТППЕ Струмица и во зимски услови со поставување на нож за чистење на снег постојано е во употреба .

Возачот на камионот, Јордан Костов – Манго информираше дека претпладнево е исчистен снегот до планинските села Попчево и Рич, но и до локалитетот Цареви Кули.

-Чекавме да престане да врне и по наредба на моите претпоставени се упатив кон овие села и коловозот сега е исчистен од снегот и е оспособен за сообраќај. Јас сум секогаш подготвен за работа и повеќе години стариот „џемс“ успешно си ја врши работата, рече Костов.

Неговиот ангажман го поздрави и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

-Нашиот неуморен Јоцо Манго. Посветен на работата таму каде што никој не оди, ќе дојде Манго. Благодарам Јоцо за посветеноста и храброста, напиша Костадинов на својот фејсбук профил.

Инаку, во 2015 година на стариот и оставен на забот на времето американски воен камион „џемс„ струмичките пожарникари со инвестиција од само 30 илјади денари и еден месец самопрегорна работа успееја да му дадат нов живот и оттогаш камионот е дел од возниот парк.

Официјално сегашниот пожарникарски „џемс“ е произведен во 1975, според информациите наведени во сообраќајната дозвола. Но, пожарникарите велат дека е многу порано произведен. Според нивните сознанија платформата на овој камион Американците почнале да ја развиваат веќе во 1935 година, за да почнат со сериско производство во 1941 година.