Пратениците од општина Кавадарци во Парламентот да го актуелизираат прашањето за состојбата и опстанокот на Тиквешкото езеро пред соодветнaта комисија за европски прашања и за животна средина и да иницираат средба со премиерот и министерот за животна средина, заклучија присутните на денешната јавна расправа за спас на Тиквешкото Езеро.

Исто така, Здружението за заштита и унапредување на животната средина „Еко-живот”, заедно со овластен инспектор за животна средина, ќе треба да изработи елаборат за влијанието на водостојот на езерото врз животната средина, минималниот биолошки опстанок на езерото и околината на Тиквешкото езеро.

Меѓу заклучоците е и тој дека Секторот за комунално уредување, урбанизам, заштита на животна средина и сообраќај , треба да изработи елаборат за влијанието на водостојот на Тиквешкото езеро, во однос на заштитата на манастирите, црквите покрај езерото и имотната состојба на објекти околу езерото.

– Планинарско спортското друштво „Орле“ заедно со советникот за заштита и спречување од загадување на водата, земјиштето и заштита на природата, да изработи елаборат во делот на спелеологијата и хидрологијата со којшто ќе се елаборира за заштитата на пештерскиот туризам, манастирскиот и црковен имот, во однос на нискиот водостој на „Тиквешко езеро“. Иницијативниот одбор да изработи елаборат во делот на влијанието од намалување на водостојот врз микроклимата на ,„Тиквешко езеро“ и стопанисувањето, да изработи елаборат за влијанието на водостојот на „Тиквешко езеро“ врз издадените концесии за стопанисување со рибниот фонд и целокупната аквакултура, се вели во дел од заклучоците.

Советникот за заштита и спречување од загадување на водата, земјиштето и заштита на природата, согласно на заклучоците, треба да подготви елаборат за присуството на тешки метали во квалитетот на водата во „Тиквешко езеро“ и влијанието во прозводството на земјоделски производи и квалитетот на храната, имајќи ја во предвид примарната намена на Тиквешкото езеро и направената каналска мрежа, за наводнување на земјоделските површини.

Елаборатите по однос на опстанокот на „Тиквешко езеро“ треба да се подготват најдоцна до 15 февруари.