Сите да дадат свој придонес за спас на Тиквешко Езеро, повика вечерва во изјава за МИА, Роберто Паризов, претседател на регионалното здружение „Еко-живот” од Кавадарци.

– Апелираме до сите политичари, стручни лица, претставници на институции, за заштита на животната средина. Крајно време е да се преземе нешто и да се запре уништувањето на езерото. Наместо да се празни, езерото да почне да се полни, нагласи Паризов.

Тој и регионалниот еколошки центар се дел од општинската комисија која деновиве беше формирана да работи на проблемот за спас на езерото.

– Пред неколку дена бевме да поуживаме во убавините и климата на Тиквешко. Имаше што да видиме. Жалосно е тоа што му се случува на езерото, на чиј брег има околу две до три илјади викендички. Се ќе сториме што е во наша можност и со сите сили, за да ги поправиме екосистемските пропусти, грешки, недостатоци. Сите чинители да можат да ги користат придобивките на водата, со акцент на биолошката разновидност. Ќе апелираме малку поагресивно до политичките субјекти, за поголемо разбирање на состојбата и побрзо разрешување на овој еколошки проблем, дециден е Паризов.

Тој најави дека им претстојат низа активности, со кои ќе се обидат да го свртат вниманието на јавноста, со цел решавање на проблемот кој ги засега не само тиквешани, туку и сите оние коишто доаѓаат туристички на Тиквешко Езеро.