Долгогодишниот проблем со недостаток на вода за пиење во село Пласница, трајно се реши со изградбата на нови водоводи во селата Преглово и Лисичани.

Стабилизирањето на водоснабдувањето ја фрли во заборав кризата која беше присутна во овие села во летните месеци, кога во регионот на одмор доаѓаа печалбарите од овој крај.

– Изградбата на селските водоводи во Преглово и Лисичани овозможи од овие проекти да имаме и дополнителна придобивка, бидејќи не само што трајно го решивме водоснабдувањето во овие села без традиционалната водена криза, туку редовно снабдување со квалитетна вода за пиење овозможивме и за општинскиот центар Пласница, истакна градоначалникот Алија Јаоски.

Тој воедно потсети дека штедроста на изворите од кои се обезбедува вода за водоводите во овие села се без поголеми осцилации, што дава за право да има редовно водоснабдување и во најсушните периоди

– Новоизградените водоводи за овие села се потпираат на извори со добра и стабилна штедрост во текот на целата година, што обезбедува доволно вода за пиење и во најсушните периоди. Селото Преглово од новиот водовод добива од 12 до 14 литри вода во секунда, што е доволно за водоснабдување и во најкризниот период . Новиот водовод во село Лисичани со дополнителните 4-5 литри вода во секунда и со кракот од водоводот Студенчица, ќе нема натамошни грижи со обезбедување од најдрагоцената течност. Ова село ќе биде еднинствено што со вода за пиење ќе се снабдува од два водоводи и тоа Студенчица и локален водовод, додаде Јаоски и посочи дека редовното водоснабдување на овие села овозможи количествата од Студенчица да се пренасочат во село Пласница, што ќе биде доволно за општинскиот центар да има нормално водоснабдување и во најкризните периоди.