Во текот на 2021 година споредено со претходната година, во Дебар зголемен е бројот на брачните другари кои го кажале судбоносното „да“.
Според Афрдита Шахини, референт за склучување бракови при општина Дебар, минатата, споредено со претходната година, склучени се 40 бракови повеќе.
– Во матичната книга на венчаните, лани беа запишани 126 бракови, наспроти претходната, кога имавме 40 помалку или на исто ниво како во 2019, кога имаше 125 бракови. Во 2020 година регистрирана беше најниска бројка на нови бракови, 86, како последица на пандемијата, поради што изостана масовното доаѓање на иселениците во родниот крај. Ако масовната миграција го преполови бројот на венчавки, пандемијата со Ковид-19, посебно во 2020 година нив ги сведе на минимум, вели Шахини, додавајќи дека ова се податоци само за склучени бракови во градот.
Според неа од почетокот на годинава во книгата на венчаните евидентирани се шест бракови.
Во овој град свадбите по традиција почнуваат во мај, кога тука пристигнуваат главно нашинците од САД, каде има над 16 илјади дебрани, а најмасовно домашните веселби се прават во јули и август, кога во родниот крај престојуваат и оние чија втора татковина е некоја од западно европските земји, каде се околу десет илјади дебрани.