На денешен ден пред 121 година е роден А. Ден Долард, големиот холандски писател и вљубеник во Охрид и Македонија.
Неговото вистинско име е Корнелис Јоханес Георг (Боб) Спулстра Помладиот (Cornelis Johannes George (Bob) Spoelstra jr.) роден во градот Зволе на 7 февруари 1901 година. Автор е на бројни книги од различен жанр – романи, патописи, раскази, поезија…
А. Ден Долард во неговите патувања низ Европа често ја посетувал и Македонија. Поттикнат од Охрид и убавините на Охридското Езеро го напишал романот „Свадбата на седумте Цигани” (De bruiloft der zeven zigeuners), што првпат е објавен во 1939 година, со многу следни реизданија. Главното дејство во романот се одвива во Охрид и затоа оваа книга се смета за пресуден и клучен фактор во претставувањето на Охрид и Македонија кај пошироката читателска јавност во Холандија. Оттаму и големиот интерес кај холандските туристи за посета на регионот и Охрид.
А. Ден Долард во Македонија нашол инспирација и за патописите „Дивјаците на Европа” (De wilden van Europa, 1932), „За слобода и смрт” (Van vrijheid en dood, 1933), репортажата „Четири месеци кај комитите, повластени убијци” (Quatre mois chez les comitadjis, meurtriers patentés, 1934), како и за романите „Ориент Експрес” (Oriënt-Express, 1934), „Заедно е двапати сам” (Samen is twee keer alleen, 1976).
По повод 105 години од раѓањето на Ден Долард, во 2006 година во Охрид беше откриен споменик, на самиот брег на Охридското Езеро, во присуство на потомци на холандскиот писател. А. Ден Долард починал во Хундерло на 26 јуни 1994 година.