Муралите кои на ѕидовите од зградите во средиштето на Кичево беа насликани пред повеќе децении кога во овој град се одржуваше поетската манифестација „Курирче" и на која гости беа поети и ученици од земјава и поранешната држава денес едвај можат да се забележат. Секоја година по едно училиште од земјава сликаше по еден мурал на зградите.

Група ентузијасти од градот во повеќе наврати се обидуваa да ги ревитализираат овие мурали, но поради одредени отпори и недоразбирања до денес оваа акција не е реализирана.

– И покрај нашите желби и надежи да ги ревитализираме муралите насликани на ѕидовите од зградите во центарот на Кичево, сепак поради одредени отпори на дел граѓани и поединци оваа акција не е реализирана и муралите почнуваат се повеќе и повеќе да се бришат од ѕидовите на зградите, а со тоа и спомените на прекрасната поетска манифестација, неповратно да се избришат од меморијата на постарите жители од градот. Немаме одговор зошто да се опструира нешто што е за заедничко добро на сите жители и што го разубавува градот и остануваат спомените на едно време кое неповратно заврши, вели Горан Нестороски, еден од групата ентузијасти за ревитализација на муралите во Кичево.

Тој појасни дека имало и заинтересирани уметници кои изразиле желба да ги ревитализираат овие мурали, единствено што им било потребно, вели тој, биле боите кои им се неопходни за да се освежат овие ѕидни цртежи.