Националната установа Центар за култура Крива Паланка годинава ќе реализира седумнаесет проекти од национален интерес, одобрени со годишната програма на Министерството за култура на Република Македонија.
Директорката на НУЦК Центар за култура Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска информира дека проектите кои се од областа на фолклорна и сценско-музичка, библиотечна и ликовна дејност, се со вкупна вредност од 1.560.000 денари, што, според неа, претставува шесткратно повисока во однос на 2019 година.
– На наше огромно задоволство листата на одобрени проекти за нашата институција годинава е релативно долга и богата, вкупно седумнаесет проекти во вредност од околу 1.560.000 денари ќе бидат инвестирани во развој и унапредување на дејностите во НУЦК. Во делот на инвестициски проекти за набавка на мебел за библиотеката одобрени се 250.000 денари, што заедно со тековниот проект за реновирање на кино салата, вреден четири милиони денари, финансиски поддржан од Биро за регионален развој и Општина Крива Паланка, ќе придонесе за квантитативен и квалитативен напредок на институцијата. Тоа пак, свесни сме, ќе бара и поквалитетна програма и понуда за публиката за оправдување на укажаната доверба, изјави Ѓоргиевска.
Таа потенцира дека поради пандемијата, која и во изминатите две години стопроцентно го промени работењето, се надева дека ќе бидат реализирани сите планирани активности.
– Поголемиот дел од нив, делумно и поради реновирањето во установата, ќе се трудиме да се реализираат во текот на пролетта и летото,на отворен простор. За фолклорна и музичко-сценска дејност одобрени се над 600.000 денари, над 400.000 за библиотечна дејност, а над 200.000 денари се за ликовна дејност, додаде Ѓоргиевска.
Одобрени се и по еден проект од издавачка и меѓународна дејност, а за сите, како што порачаа од Центарот за култура, се надеваат дека ќе предизвикаат задоволство, како и масовна посетеност од публиката.