Во Градскиот парк во Велес веднаш под ракометното игралиште, со новоизградениот полигон за велосипеди „Pump Track“ на 660 метри квадратни младите велешани добија место каде можат да ги возат своите велосипеди, тротинети, ролери и скејтборди.
Од Општина Велес за МИА информираат дека полигонот ќе биде пуштен во употреба во март, а претходно кога ќе дозволат временските услови вработени во ЈКП„Дерен“ околу траката ќе засадат трева. Инаку оваа адреналинска патека е втора од ваков вид во земјава, по таа во Скопје.
Од Општина Велес појаснуваат дека „Pump Track“ е совршен е за учење на основните вештини и трикови, како и за тренирање врвни велосипедисти, за што се потребни вештина и брзина. Асфалтната „pump track“ патека е конципирана на начин што во најголема мерка се приспособува кон формата на расположливата површина.
Инаку на таблата поставена пред адреналинската патека стои напишано упатство за негово користење, како и предупредување до корисниците дека самите одговараат за ризикот од негово користење и дека тоа не е обврска на инвеститорот.
Инвеститор е Општина Велес, а изведувач на работите е Друштвото за трговија и услуги “Јумак Киро”, ДООЕЛ – увоз извоз, Скопје, во соработка со врвни експерти од Словенија во оваа област. Вредноста на проектот е околу четири милиони денари со вклучен ДДВ.
Полигонот почна да се гради на 5 декември и беше готов некаде околу Нова година. Дополнително, Општина Велес во декември размислуваше на дополнување на останатиот дел од овој простор да има иновативни велосипедски активности.
Од Општина Велес денеска за МИА, информираа дека се уште не одлучиле што конкретно ќе се гради на овој простор околу адреналинската патека.