Уметници од Куманово можат да се пријават на јавниот повик за организирање на културни манифестации, кој денеска го објави локалната самоуправа.
Раководителот на секторот за култура, Александар Крстевски ги повика заинтересираните да се пријават на повикот кој ќе трае наредните седум дена.
Како подносители можат да се јават јавни установи, здруженија, фондации и други правни лица кои имаат регистрирано дејност од областа на културата. Тие треба да исполнуваат повеќе критериуми меѓу кои да се регистрирани со седиште во општина Куманово, да имаат реализирано најмалку две манифестации, да придонесуваат за збогатување на културниот живот во градот, за зачувување, афирмирање на културното наследство, да поттикнуваат локално творештво, да се грижат за унапредување на соживотот и да обезбедуваат континуитет на традиционалните културно-уметнички манифестации од локален карактер.
Барањата ќе ги разгледа посебна комисија формирана од градоначалникот, а резултатите ќе бидат објавени на веб-страницата.
– Бидејќи Куманово е мултиетнички град, сакам од името на градоначалникот и советот на општината да ги повикам сите локални уметници, културни работници и здруженија кои функционираат на нашиот град и бележат успеси во општествената сфера со која успешно се занимаваат, да се јават на повикот за одржување на културни манифестации, повика Крстевски.