По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на грчкиот јазик здружението „Пелагонија” од Битола одржа онлајн настан насловен „Современ лиризам: Лекции од грчкиот јазик”.

На настанот преку видео порака се обратија генералниот секретар за грчката дијаспора и јавна дипломатија при грчкото Министерство за надворешни работи, Јанис Хрисулакис и шефот на Канцеларијата за јавна дипломатија при Амбасадата на Грција во Скопје, Константинос Прокакис. Генералниот конзул на Грција во Битола, Александрос Видурис ја истакна континуираната поддршка на Генералниот конзулат за Здружението „Пелагонија” и ја пренесе пораката на заменик министерот за надворешни работи Андреас Кацаниотис.

Главни говорници беа актерот и текстописец, Панос Влахос и професорот по џез музика при Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип и основач на фестивалот „Џез Фабрика”, Сашо Поповски.

Заменик министерот Кацаниоти рече дека „грчкиот јазик прв пат им даде содржина на идеите и на апстрактните концепти и ги дефинираше со единствена изразна моќ. Создаде зборови кои денеска се универзални. Ја нахрани научната и техничката терминологија, како што ја нахрани и европската и светската литература, за што светол пример се Хомеровите епови, трагичната и лирската поезија и др., а христијанските текстови пак, ги пренесе недопрени низ вековите”.

Според генералниот секретар за грчката дијаспора и јавна дипломатија Хрисулакис, „грчкиот јазик живее и опстојува непрекинато со векови. Четириесет века усна и дваесет и пет века писмена традиција. Во овие дваесет и пет века писмена традиција, нема ниту еден во којшто не се напишала поезија на грчки јазик… Не е чудно што големите мислители го нарекоа јазик на Боговите и мајка на јазиците, бидејќи роди една светла цивилизација, ја основа современата европска и светска култура и го дефинира универзалниот кодекс на вредности”.

Шефот на Канцеларијата за јавна дипломатија при Амбасадата на Грција во Скопје, Прокакис нагласи дека „постои голем интерес за грчкиот јазик во Северна Македонија. Постојат млади луѓе, кои би сакале да студираат и да работат во Грција. Постојат луѓе што се поврзани со Грција. Голем дел од населението на Северна Македонија секоја година ги посетува грчките плажи за летен одмор, а викенд посетите во Тесалоники или Флорина претставуваат вообичаена пракса. Делото на Здружението „Пелагонија” е од големо значење за суштинско приближување на нашите земји и народи, како и за развојот на длабоки пријателски врски помеѓу двете страни”.

Панос Влахос и Сашо Поповски презентираа дел од нивното творештво што го отсликува односот на музиката и актерството со јазикот воопшто, особено со грчкиот јазик.