Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретна со претставници на Синдикатот од Рудникот Бучим кои ја информираа дека бараат утврдување нови работни места со бенифициран стаж.

Како што информира МТСП, министерката Тренчевска посочила дека Комисијата за ревизија на работни места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење, при МТСП наскоро ќе ги разгледа барањата за утврдување на работните места со бенифициран стаж.

-Комисијата која е формирана во декември минатата година многу скоро ќе почне да ги разгледува барањата за бенифициран стаж. Во одреден рок ќе треба да ги разгледа предметите пристигнати во Министерството за труд и социјална политика, рекла министерката Тренчевска.

Според Синдикатот на Рудникот Бучим барањата за бенифициран стаж, се оправдани бидејќи, како што посочиле, дел од работниците работат во тешки услови. На средбата присуствувал и претседателот на Сојузот на Синдикатите на Македонија Дарко Димовски, кој рекол дека синдикатите сметаат дека треба да се разгледа тежината на условите на работните места.