Почна дислокацијата на коритото на реката Брегалница, за да се санира мостот кај село Долни Балван, во општина Карбинци, што беше оштетен при ланските декемврски поплави.

Според извештајот на инспекцискиот надзор, нарушена е статиката на главните носачи, поради што на средината од мостот е направена вдлабнатина од неколку сантиметри.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов вели дека дислокацијата на речното корито е првиот чекор што треба да се направи за да се земат потребните мерки за изработка на проектната документација.

– Тоа е веќе нашиот дел од работата, како општина, ние ќе си го обезбедиме проектот. Штом ќе се создадат условите, а тоа е да се ослободи паднатиот столб од течението на водата, проектантите ќе влезат, ќе ги направат геомаханичките испитувања кои се потреби за изработка на проектот, рече Паунов.

Мостот е забранет за сообраќај, но жителите и понатаму се превезуваат по него. Поставени се сообраќајни знаци и насип со песок, но жителите со своите возила поминуваат. Овој мост им е главна сообраќајна артерија и ги поврзува со општините од источниот регион.

-Секојдневното движење дополнително ја отежнува работата за санација, но и го зголемува ризикот за населението. Апелирав во неколку наврати, во комуникација и со надлежните органи поставивме сообраќајни знаци и други препреки, додаде Паунов Градежната оператива за пренасочување на речниот тек се спроведува со механизација на водостопанство „Брегалница“ и ќе биде завршена за една недела.