Штипските советници едногласно донесоа одлука за приклучување на Филтер станицата на Хидросистемот „Злетовица“. За оваа одлука денеска гласаа 21 советник, кои беа присутни во салата. Директорот на ЈП „Исар“- Штип, Трајче Здравков вели дека сега сите документи и дозволи ги има комуналното претпријатие, со што Филтер станицата може да се приклучи на цевководот, преку кој ќе се добива водата за пиење.
-После повеќе од десет години откако е започнат проектот за водоснабдување преку ХС „Злетовица“, вложени се над пет милиони евра во преадаптација на филтер станицата, опремена е со најсовремена технологија, исто така сите анализи и подготовки покажаа дека водата е со одличен квалитет, обезбедени се сите дозволи од инспекции, така да со објавување на одлуката на Советот на Општина Штип во службен гласник ние ќе го потпишеме договорот. Ако одлуката излезе утре и дговорот ќе се потпише утре, вели Здравков.
Одлуката беше поздравена и од советникот Иван Бојаџиски, кој истакна дека ова е голем ден за Општина Штип.
-Ќе гласам за оваа предлог одлука, затоа што јас барем лично и емотивно сум врзан за овој процес, бидејќи 15 години ја следев изградбата на регионалниот водоснабдителен систем, вели Бојаџиски.
Штип ќе биде единствениот град во источниот регион кој ќе има можност за водоснабдување на два начини, еден преку бунарскиот систем и вториот преку ХС „Злетовица“. Добивање на вода од браната Кнежје за штипското комунално претпријаие ќе значи и намалување на потрошувачката на струја и добивање на големи сметки.