Адреналински парк ќе се гради во спортско-рекреативниот центар „Суитлак“, најави Вишна Шорова-Ангелова, шеф на Кабинетот на градоначалникот на Општина Штип.

Општината има обврска да ја обезбеди техничката документација за проектот, а финансии ќе се обезбедат заедно со Фондацијата за развој на локалната заедница, додека извидничкиот одред „Еквинокс“, како претставник на младите, ќе дава идеи за тоа како ќе се уреди овој парк.

Договорот треба да го потпишат сите три страни, а советниците дадоа зелено светло за реализација на овој парк.

– Се работи за малку поголема површина на којашто веќе извесен период се работи за да се уреди и да се создадат содржини што ќе бидат од интерес за сите граѓани на нашата општина, но со акцент на децата и младите. Ние обезбедивме простор каде што тие ќе се рекреираат, ќе спортуваат и родителите ќе го минуваат времето со нивните деца, простор со којшто, за жал, во нашата општина не располагаме. Претпоставувам, од овде потекнува идејата за да се работи на овој проект – вели Шорова – Ангелова.

Адреналинскиот парк ќе се гради на земјиште наменето за спорт и рекреација. Проект што би требало да се финансира од Европски фондови и е проект од јавен интерес нема да им се наплаќа на граѓаните за користење на паркот.