Проектот за уредување на градското шеталиште во Дебар е во финална фаза. По уредувањето на тротоарите и коловозот, кој доби нов асфалтен слој, поставени се канделабри, 25 клупи за седење и канти за отпадоци.

Градоначалникот Хекуран Дука вели дека во тек се подготвителните активности за засадување украсни дрвца долж шеталиштето долго 300 метри. Дрвцата, според планот, ќе бидат засадени следниот месец, со што еден од најфреквентните делови на градот ќе го добие потребниот лик. Овој проект се реализира со средства од општинскиот буџет.

– Граѓаните да покажат поголема совесност и да не го загадуваат просторот и секако да го чуваат создаденото од страна на општината, за да имаме убаво уреден и чист град – апелира Дука.

Заложба на локалната власт е да го регулира и паркирањето. Се размислува за наплата на паркирањето која би се вовела долж главната улица „Осми септември“.