Општина Велес денеска ја одбележа 183 годишнината од раѓањето на Рајко Жинзифов и 145 години од неговата смрт, со полагање цвеќе на спомен бистата на училиштето во велешко Горно Оризари кое го носи неговото име.
Рајко Жинзифов е роден како Ксенофонт Ѕинѕири на 15 февруари 1839 година во Велес. Потекнува од влашко семејство, со потекло од Москополе, а кое од Битола се доселило во Велес.
Тој е македонски преродбеник, публицист, писател и поет, преведувач и собирач на народно творештво и е еден од учениците на Миладинов. Жинзифов е авторот на биографијата на браќата Миладиновци.
Во неговата поемата „Крвава кошула“ опишува вистинска случка за една мајка која откако Турците ѝ го убиле единствениот син, ја донела неговата крвава кошула в град да ја покаже на народот во црковниот двор.
Во 1867 година ја издава мистификацијата на Стефан Верковиќ и Теодосиј Гологанов на руски јазик.
Тој исто така го напишал и првиот расказ во нашата литература под наслов: „На Прошедба“.
Рајко Жинзифов бил соработник на весниците: „Дунавска зора“, „Македонија“, „Слобода“, „Бугарска пчела“, „Век3, „Време“ и на списанијата „Читалиште“, „Периодическо списание“, „Бугарски книжици“ и др.
Рајко Жинзифов секогаш се спротивставува на елинизацијата на населението во Македонија.
Починал на 15 февруари 1877 година во Москва, Русија.