Во мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ во Штип денеска ќе се одржи дијалог помеѓу Министерството за образование и наука и другите надлежни институции во областа на образованието, со градоначалници и претставници на локалните самоуправи, бизнис секторот, претставници на средните стручни училишта и меѓународни организации, а во насока на креирање на уписната политика за учебната 2022-2023 година и унапредување на средното стручно образование.

-Преку дијалогот ќе се утврдат потребите на општините и бизнис заедницата од стручен кадар, а нивните сугестии и предлози ќе помогнат за воведување на соодветни стручни профили во средните училишта и за дизајнирање на наставните програми. Од компаниите се очекува и интерес за учество во реализација на практичната настава за учениците во компании, а на настанот ќе се обрати заменик министерот за образование и наука Лулзим Али, најавуваат од МОН.

Социјалниот дијалог насловен „Учи паметно работи стручно“ за унапредување на средното стручно образование се спроведува заедно со проектот „Образование за вработување во Македонија – Е4Е@мк“ финансиран од амбасадата на Швајцарија во Република Македонија.