Подготвен е нацрт текстот за локалниот акционен план за животна средина за Куманово. Надлежните интензивно работеле на подготовка на планот во периодот 2020-2021 година. Како што информираат од општината, планот треба да понуди решенија за интегрирање на животната средина во локалниот економски и социјален развој на општината со обезбедени услови за здрав и квалитетен живот. Јавната расправа ќе се организира на 23 февруари годинава во кружната сала на поранешен комитет.

– Заедно со претставници од Општина Куманово и заинтересирани страни беше извршена идентификација на состојбите со медиумите во животната средина преку собирање на квалитетни податоци и анкета на граѓаните на Општина Куманово што резултираше со подготовка на нацрт текст на ЛЕАП за Општина Куманово. За развивање на ЛЕАП документот беше користена меѓународно признаена методологија DPSIR која овозможи да се даде осврт на медиумите на животната средина, да се идентификуваат клучни предизвици за секој од медиумите и да се развие акционен план со соодветни мерки за секој од предизвиците. Локалниот акционен план за животна средина ќе помогне во изнаоѓањето на механизми за интегрирање на заштитата на животната средина во локалниот економски и социјален развој на општината со обезбедени услови за здрав и квалитетен живот на сегашните и идни генерации, наведуваат од општината, пренесувајќи ја информацијата од консултантскиот тим која го подготвил нацрт документот.

Подготвениот ЛЕАП за Општина Куманово ќе биде ставен на увид на веб-страницата на Општина Куманово и граѓаните ќе можат да дадат коментари, забелешки по нацрт верзијата на ЛЕАП Документот.