Здружението на пензионери во Куманово бара Владата да изнајде соодветно решение и што поскоро да ги зголеми пензиите посебно на пензионерите со ниски пензии, информираа денеска надлежните од Здружението.
Тие велат дека во услови на енергетска криза и поради сè повисоките цени на продуктите, зголемувањето на пензиите е круцијално за оваа категорија граѓани. Претседателот на здружението, Благе Јакимовски информираше дека нивните членови бараат зголемување на пензиите, Владата да изнајде решение и да им помогне на пензионерите.
-Многу мал е бројот на пензионери со високи пензии. Дури половина од вкупно евидентираните пензионери во државата и кај нас во Куманово имаат пензија до 15.000 денари, а половина од нив до 10.000 денари, што ја наметнува потреба да им се обезбедат соодветни средства за достоинствен пензионерски живот, изјави Јакимовски.
Од кумановското здружение кое брои околу 15.000 членови со нетрпение ја очекуваат одлуката на Владата и надлежните за најавеното зголемување на пензиите и поддршка на пензионерите.