Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска ќе ја посети Крива Паланка по повод првиот роденден на „Куќата на Европа“.
Гир ќе се сретне со градоначалникот Сашко Митовски, а потоа двајцата ќе присуствуваат на целодневната роденденска програма на „Куќата на Европа“. Најавено е присуство и на амбасадорката на Шведска, Кристин Форсгрен Бенгтсон и на амбасадорот на Бугарија, Ангел Александров Ангелов.
Според агендата, амбасадорот Гир и градоначалникот Митовски најпрво ќе се информираат за реализацијата на проектот финансиран од ЕУ за зајакнување на туристичкиот потенцијал на Крива Паланка и Ќустендил, што се спроведува во рамки на програмата за прекугранична соработка со Бугарија. Потоа ќе го посетат градскиот плоштад кој неодамна беше реконструиран и уреден во рамки на Програмата за локална и регионална конкурентност финансирана од ЕУ.
Амбасадорот Гир и градоначалникот Митовски свечено ќе го отворат и пријателскиот натпревар меѓу кошаркарскиот клуб „КК Крива Паланка“ и кошаркарскиот клуб „Локомотив“ од Софија.