Машинскиот факултет од Скопје доби грант од Регионалниот фонд за предизвици (РФП), а смерот Автоматика од насоката Автоматика, хидраулика, пневматика е носител на проектот преку кој ќе се набавува современа опрема и компјутерска технологија која се користи во дигиталното управување со машините и процесите.
– Очекуваме веќе во септември да завршиме со набавките и подготовките, и од новата учебна година да почнеме со реализација на проектот. Планирано е да се спроведат обуки и за професорите, бидејќи се работи за високо технолошка опрема. Во иднина, планираме и другите смерови и програми да ги збогатиме со една ваква идеја за зголемување на практичната обука, се надеваме дека во следните повици на Регионалниот фонд за предизвици ќе има нови апликанти од Машинскиот факултет, но и од другите технички факултети, изјави д-р Емил Заев, вонреден професор на Машински факултет – Скопје.
Студентите, потенцира, очекуваат практично да бидат обучувани додека се на факултет. Тука е и индустријата која очекува и бара студентите кои излегуваат од факултет да бидат подготвени за работа.
-Целта е да се скрати времето на обуки по завршување на образованието и вработувањето, а прилагодувањето да биде што пократко. Прво студентите практично да се обучат на современи машини кои служат за практична обука во просториите на Машински факултет. Вежбите што ќе се прават, а се дел од теоретската настава ќе бидат адаптирани во склоп со практичната настава и кон потребите на самата компанија. Второ во рамките на проектот студентите ќе мора да одат и на практична обука во компаниите. Се надеваме дека компаниите ќе покажат интерес веднаш да ги преземат и вработат најдобрите студенти, рече Заев.
Преку поддршката од Фондот, компаниите ќе можат да го олеснат процесот на обука на студенти, потенцијални идни вработени, бидејќи, благодарение на современата опрема и алатки во нивните училишта, тие ќе дојдат во работната средина со претходно стекнати основни технички вештини.
-Мисијата на Регионалниот фонд за предизвици и на овој проект е да го зајакне квалитетот и релевантноста на стручното образование и обука, и да ги направи поконкурентни овие кадри на пазарот на трудот, што пак е важно за економскиот развој. Не е секогаш лесно да се мотивира приватниот сектор активно да се вклучи во стручното образование. Многу сме среќни што со првиот повик успешно го мотивиравме приватниот сектор да се вклучи во стручното образование и обука, и да се здружи со стручните училишта, истакна Фридер Воерман, раководителот на тимот на Регионалниот фонд за предизвици.
Претпријатијата ја истакнуваат важноста на практичната обука и затоа и досега им нудеа пракса на студентите, можност да ги искусат реалните процеси на работа со што се комплетира процесот на учење.
-Покрај стручноста со која се здобиваат, практикантите учат и работни навики, редовност, ефикасност во работењето, што значи да се биде дел од процес, од тим итн., со што по дипломирањето стануваат подготвен кадар за вработување. Верувам дека со овој проект уште повеќе ќе го зголемиме интересот за запишување и учење на студентите на овој факултет, со што во иднина ќе се зголемува бројот на инженери, а тоа е особено значајно и потребно за индустриите кои се отворија во последниве десетина година, велат од КЕМЕТ Електроникс.
Регионалниот фонд за предизвици е финансиски инструмент дизајниран да ја зголеми вработливоста на младите. Претставува иницијатива преземена од страна на Германската развојна банка (KfW), а финансирана од германското Федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ). Главниот партнер во спроведувањето е Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан (КИФ ЗБ6).