Амбасадорот на Европската Унија во земјава Дејвид Гир, денеска ќе ја посети Струмица по повод првиот роденден на Куќата на Европа.

Амбасадорот Гир ќе биде пречекан од градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, а во оваа прилика ќе има средба и со градоначалниците на општините од Југоисточниот регион.

На настанот ќе присуствуваат и амбасадорката на Хрватска Нивес Тигањ, амбасадорката на Германија Анке Холштајн, амбасадорот на Словенија Милан Предан и заменик-амбасадорот на Бугарија Димитар Карастојанов.

Амбасадорот Гир и градоначалникот Костадинов ќе учествуваат во роденденската програма на Куќата на Европа која го отсликува ангажманот на младите во изминатата година и ги истакнува придобивките што ова „место на новата генерација" ги донесе во нивното секојдневие.

Првиот роденден на Куќата на Европа Струмица се совпаѓа со аплицирањето на општината за „Европска младинска престолнина 2025" – титула која има потенцијал да донесе дополнителни инвестиции во младите и да им отвори нови можности.