Директорот на Националната установа Центар за култура – Дебар, Зинче Мимидиноски, на денешната средба со новинарите ги презентираше одобрените проекти по одделни области и активности од национален интерес се составен дел на годишната програма за работа на установата за 2022 година.
-Министерството за култура финансиски ни поддржа 18 проекти од културата од различни дејности во вкупен износ од 1.527.000 денари. Одделено, станува збор за четири проекти од фолклорна дејност, во износ од 420.000 денари, по два проекта од музичка и музичко-сценска дејност, со износ од 450.000 денари и драмска дејност со износ од 200.000 денари. Исто така, поддржани се четири проекти од библиотечна дејност со 192.000 денари, од визуелни уметности, архитектура и дизајн пет проекти со износ од 185.000 денари и еден проект од издавачка дејност со средства во износ од 80.000 денари, изјави Мимидиноски.
Мимидиноски не го крие задоволството за, како што рече, квалитетот и квантитетот на финансиската поддршка на проектите од културата кои веќе стануваат составен дел на годишната програма за работа за 2022 година на Центарот за култура-Дебар и се заблагодари за оваа финансиска поддршка на Министерството за култура.
Голема благодарност, Мимидиноски искажа и за поддршката на проектот од областа на инвестиционо оддржување што се однесува на санација-реконструкција на „Хармоника сала“, тоа е сала која има мултифункционална намена, (изложбен простор, место за рецитали, backstage за разни концерти и слично), за што министерството доделува околу милон денари.
Дебарскиот центар за култура, кој претставува центар на сите збиднувања од областа на културата, минатата година одбележа 50 години успешна работа. И тогаш и на денешната пресконференција, Мимидиноски рече дека вратите на установата секогаш се ширум отоврени за сите културни работници.
-Јасно и гласно велам дека вратите на Центарот за култура – Дебар секогаш се ширум отворени за сите културни работници, творци, уметници, како за работа така и за соработка, се со цел оваа установа да го оправда своето постоење, а со тоа да потврди дека е вистински центар за култура во Дебар, поблискиот регион и пошироко, рече тој.