Јапонскиот амбасадор во Скопје Савада Хиронори, директорот на велешкото ООУ „Блаже Конески" Јованче Мансков и градоначалникот Марко Колев, потпишаа договор за GGP проект за ова училиште за санација на покривот, вреден 4.395.975 денари.
Во училиштето учат 1127 ученици, а има 104 вработени. Проектот беше пријавен преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.
Директорот Манасков во оваа прилика искажа огромна благодарност до Амбасадата на Јапонија која го ценеше проектот, го рангираше во приоритетните за финансирање и ги одобри финансиските средства за негова имплементација, како и на народот на Јапонија кој низ годините несебично помага на земјите во развој низ целиот свет.
„Реконструкцијата на кровот на нашето училиште „Блаже Конески" Велес ќе ги подобри физичките услови за реализација на воспитно-образовниот процес во училиштето. Нашите ученици и наставници ќе бидат посреќни, позадоволни и помотивирани за постигнување на нови успеси и признанија,“ потенцира Манасков.
Градоначалникот Марко Колев искажа благодарност од свое име, од името на Советот на Општина Велес и од името на сите граѓани на Велес, за поддршката што јапонската Влада преку Грант програмата за мали проекти за човекова безбедност и ја дава на Општина Велес во годините наназад.
„Денешнава наша средба е добра можност да се потсетиме на сите донации што досега општината ги има добиено од јапонската влада. Благодарение на вас велешката болница доби медицински апарат мамограф во вредност од 44.370 евра, се рехабилитираа заеднички простории на три училишта во Велес – проект вреден 53.884 евра. Со јапонска донација беше инсталиран нов дигитален ренген апарат во вредност од 60.748 евра, со кој се подобри капацитетот на здравствените услуги во болницата. Голема благодарност и за противпожарното возило за потребте на ТППЕ Велес во вредност од 60 442 евра, како и за донацијата од две медицински возила за транспорт на пациенти за потребите на Итната медицинска помош во вредност од 37.175 евра“, рече тој.