Преку 500 учесници со поединечни и групни маски ќе има на карневалот „Прочка 2022“ што ќе се одржи на 6 март годинава. Маските на Прочка, предводени од прилепската традиционална маска „Мечкарите“, ќе продефилираат во центарот на Прилеп, соопштуваат првични информации од прилепската локална самоуправа за 20-тиот јубилеен карневал на Прочка кој годинава ќе се одржи по двегодишна пауза. Учесниците се од Прилеп и од други градови од земјава, меѓу кои од Кавадарци, Берово, Охрид.

Според најавата за карневалот, карневалските активности почнуваат в петок, на 4 март, напладне. Тогаш, во прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ ќе се одржи традиционалната изложба на рачно изработени маски кога ќе се доделат и признанија за најуспешните и најоригиналите маски.

В недела, на Прочка, наппладне, во центарот на Прилеп е карневалската поворка на маски на чело со традиционалните Прилепски мечкари. На дефилето на маските, програмата ќе ја збогатат кловнови, жонглери и акробати.

Од 13.30 часот, в недела на 6 март, на Прочка, на централна бина на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ ќе настапи групата „Фолтин“ која ќе ја збогати карневалската атмосфера.

Карневалско жири ќе ги оцени најдобрите маски на годинашниов карневал. Во тек е пријавувањето на маските.

Традиционално, в понеделник, на 7 март, здружението „Прилепски мечкари“ одржува заеднички посен ручек за сите учесници со што се најавуваат предвелигденските пости. Заедничкиот традиционален ручек е во манастирот „Свети Ѓорѓија“ во околината на Прилеп.