Вработените во компаниите и оваа година ќе имаат можност да спортуваат на терените на Маврово и да ја покажат својата хумана страна учествувајќи на традиционалниот 20-ти Аматерски хуманитарен велеслалом во организација на Ресорт Маврово кој се одржува од 4-ти до 6-ти март.
Собраните средства, како донација, ќе бидат наменети за Национална федерација за спорт и рекреација на инвалиди – Параолимписки комитет на Македонија.
Организаторот на велеслаломот Ресорт Маврово, ги повикува компаниите да пријават еден или повеќе тимови, составени од по тројца учесници. Секој тим треба да биде составен само од скијачи или само бордери или да биде мешан тим.
Во 2020 година, на Аматерскиот уманитарен велеслалом беа пријавени 32 компании со вкупно 71 тим. Со помош на сите пријавени тимови се собра вкупна донација од 14.200 евра за „PAWSITIVE IMPACT”, проект за помош на бездомни животни имплементиран од Фондација Импакт, непрофитна организација АМОС Шелтер и Општина Маврово и Ростуше.
Поради пандемијата со Ковид-19, во 2021 имаше хибрид верзија на настанот и компаниите ја поддржаа акцијата на Ресорт Маврово и донираа за ученичкиот дом „Седек Костоски" Маврови Анови и за подобрување на условите за живот на децата кои претстојуваат таму.
Првиот аматерски хуманитарен натпревар во велеслалом беше одржан од 7-9 март 2003 година. Натпреварот се одржа на ски-лифтот „Галички", во дисциплините паралелен велеслалом и велеслалом. Бројот на тимови изнесуваше 35 со повеќе од 100 учесници.